Бекам чекаше 13 часа да ѝ оддаде почит на кралицата

Поранешниот англиски капитен Дејвид Бекам се приклучи на илјадниците луѓе на улиците на Лондон, каде што чекаше повеќе од 13 часа да ѝ оддаде последна почит на британската кралица Елизабета Втора.

47-годишниот поранешен фудбалер на Манчестер јунајтед, Реал Мадрид и на Пари Сен-Жермен даде интервју за британските медиуми, при што призна дека чека од 1.45 часот наутро грицкајќи чипс и крофни и зборувајќи со луѓето околу себе. Тој беше забележан и со солзи во очите откако во минатото неколкупати се сретна со кралицата и во 2003 година доби орден ОБЕ.

„Пораснав во куќа полна со ројалисти и бев одгледан на таков начин. Да беа моите баби и дедовци тука, ќе беа среќни што сум тука во нивно име и во име на моето семејство. Имав среќа да се сретнам со кралицата, да ја претставувам мојата земја и да бидам капитен. Кога ја пеевме химната, таа значеше многу“, изјави Бекам.

Бекам имаше 115 настапи за Англија од 1996 до 2009 година настапувајќи на три светски првенства, а со клубовите освои шест титули од Премиер лигата и трофеј од Лигата на шампионите.

Треба да знаете
Последни објави