Излегува стрип во чест на Оливија Њутн-Џон

Стрипот со кој се слави животот на Оливија Њутн-Џон, најпозната по нејзината главна улога во мјузиклот „Брилијантин“ од 1978 година, треба да биде објавен на 21 септември, пет дена пред роденденот на покојната актерка и пејачка.

Оливија Њутн-Џон, со британско-австралиско потекло, почина на 8 август. Таа оваа година ќе го прославеше својот 74, роденден. Студиото TidalWave Comics стои зад стрипот од 36 страници во нејзина чест.

Таа е родена во Кембриџ, Англија, во 1948 година. Има освоено четири Греми и многу други награди, вклучувајќи ги и Американските музички награди. Таа секако е најпозната по улогата во „Брилијантин“, филмската адаптација на истоимениот мјузикл, во кој нејзин партнер беше Џон Траволта.

Кога беше објавен, „Брилијантин“ беше огромен хит и филм со најголема заработка меѓу насловите во тоа време. Во 2018 година, Њутн-Џон и Траволта заедно ја прославија 40-годишнината од филмот.

Истата година Њутн-Џон објави дека и е дијагностициран рак по трет пат. Наскоро таа стана поборник за медицински канабис.

Издавачот на стрипот за Оливија Њутн-Џон, Дарен Дејвис, рече дека му е чест да работи со актерката на стрипот пред нејзината смрт и дека му била дадена можност да добие увид во „нејзината гледна точка и ексклузивните информации користени во ова издание”.

Стрипот вклучува и информации за ракот на дојката, а дел од приходите од продажбата ќе бидат донирани на Здружението ONJ, добротворна организација што Њутн-Џон ја основа во 2020 година за да финансира истражување за лекување на рак со билки.

Треба да знаете
Последни објави