Откако во февруари годинава стана највозрасен играч со асистенција во историјата на Лига Европа, крилниот напаѓач на шпанскиот прволигаш Бетис, Жоакин, собори уште еден рекорд и стана највозрасен стрелец во ова европско клупско натпреварување.
Бетис вчера го порази на домашен терен бугарски Лудогорец со 3-2 во натпревар од 2 коло во Ц групата од Лига Европа, а вториот гол за шпанскиот состав го постигна Жоакин.
Со 41 година и 56 денови, фудбалерот на Бетис сега и официјално е највозрасен играч кој постигнал гол во второто по ранг европско клупско натпреварување.
– Пред почетокот на натпреварувањето им реков на соиграчите дека без оглед сè ќе станам рекордер, бидејќи нема многу играчи во Лига Европа во моја возраст, изјави Жоакин за официјалниот сајт на УЕФА.
Досегашниот рекорд го држеше Даниел Хестад, кој во ноември 2015 година беше стрелец за Молде на возраст од 40 години и 98 денови.