Кошаркарите на Франција се пласираа во финалето на Европското првенство во Германија, откако вечерва во првото полуфинале во Берлин убедливо ја совладаа Полска со 95-54.
Полска во четвртфиналето го совлада актуелниот европски првак Словенија, но во битката за место во финалето немаше сили за нова сензација.
Првиот финалист на Евробаскетот го одлучи цврстата одбрана на Французите, кои ги решија во своја корист сите четвртини, а го сведоа противникот на помалку од 20 поени во првото полувреме.
Најефикасни во францускиот табир беа Јабуселе со 22 и Фурние и Окобо со по 10 поени, додека кај Полска немаше кошаркари со двоцифрен број на поени, а најефикасни беа Михалак и Слотер со по девет поени.
Второто полуфинале меѓу Германија и Шпанија се игра од 20:30 часот во распродадената „Мерцедес Менц Арена“.
Германија во четвртфиналето беше поуспешна од Грција (107-96), додека Шпанија ја совлада Финска (100-90).
Евробаскетот завршува в недела кога на програмата се натпреварот за третото место (17:15часот) и финалето во 20:30 часот.