Фудбалерот на Пари Сен Жермен, Лионел Меси изјави дека швајцарскиот тенисер Роџер Федерер е „гениј и пример за секој спортист“.
Федерер (41) во четвртокот објави дека ќе ја заврши кариерата по Лејвер купот во Лондон од 23. до 25.септември. Тој нема играно од минатогодишниот Вимблдон, откако по трет пат го оперираше коленото.
„Гениј, единствен во историјата на тенисот и пример за секој спортист. Се најдобро во вашата нова фаза, ќе ни недостасува да ве гледаме на теренот и да уживаме во него“, порача Меси на социјалните мрежи.
Федерер важи за еден од најдобрите тенисери во историјата. Беше член на „големата тројка“, заедно со Рафаел Надал и Новак Ѓоковиќ. Надал е прв по бројот на грен слем титули со 22, Ѓоковиќ има една помалку, а Федерер остана на 20.
Освоил 103 АТП титули во сингл, а во текот на кариерата остварил 1.251 победа и претрпел 275 порази, со процент на успешност од 82 отсто.
Тој е исто така освојувач на сребрениот олимписки медал во Лондон во 2012 година и златен медал во двојки четири години претходно во Пекинг. Федерер беше број еден на АТП листата 310 недели, вклучувајќи 237 последователни недели.