Прва работилница на секцијата на спортски новинари при ЗНМ во Охрид

Изминатиот викенд во Охрид се одржа едукативна средба помеѓу спортските новинари од повеќе спортски медиуми во земјава. Иницијатор за оваа средба беше Секцијата на спортски новинари при ЗНМ, која во рамките на своите активности за оваа година планира уште неколку средби помеѓу претставници од спортките федерации во државата.

Основната цел за ваквите средби помеѓу новинарите е преку детектирање на проблемите во спортското новинарство, со активно учество преку понудување на аргументирани решенија да се обидат да ги направат позитивните промени во еснафот. На средбата во Охрид, поздравни обраќања пред пристутните имаа претседателот на ЗНМ Младен Чадиковски и координаторот на секцијата на спортски новинари при ЗНМ, Перо Момировски.

Во своето обраќање претседателот Чадиковски ги поздрави колегите спортски новинари и потенцираше дека ,,проблемите и предизвиците со кои се соочуваат новинарите во Македонија се слични, без разлика дали станува збор за спортски новинари или за новинари што покриваат други теми. Работата на оваа секција придонесува да се дектираат и да се бараат начини за надминување на професионалните предизвици со кои се соочуваат луѓето од овој сектор, кои важат за силни професионалци. Потребно е да продолжи солидарниот пристап и заедништвото во работата на новинарите како предуслов за раст на оваа Секција во домашни и меѓународни рамки

Координаторот на секцијата на спортски новинари Перо Момировски го сподели своето задоволство од одзивот за оваа средба од која членовите на секцијата може да има само бенефит. ,,Ова е местото каде ние спортските новинари во државата можеме да ги споделиме нашите проблеми, аргументи и размислувања како да се унапреди заедничката соработка, но и да понудиме решенија како да се надминат лошите услови во фелата” – рече Момировски.

Во работниот дел на работилницата свои излагања имаа Милорад Стојмановски кој говореше за предизвиците и новите трендови во спортското новинарство. Тамара Грнчароска од ССНМ своето излагање го фокусираше на заедничко делување за заштита на работничките права на спортските новинари, додека пак во последниот дел од сесиите Владко Арсов се претстави преку интерактивна симулација и детектирање на предизвиците во спортското новинарство. Една од поважните теми за која се разговараше на работилницата беше и безбедноста во новинарството која се уште е предизвик во секоја област од новинарството.

Активностите на Секцијата на спортските новинари при ЗНМ не застануваат тука, следат средби со останатите колегите низ земјата за да се слушнат на едно место и нивните предизвици и предлози за подобрување на соработката и унапредување на условите за работа. Настанот е организиран во рамките на регионалниот проект Синдикатите за фер закрепнување” (Trade Unions for a Fair Recovery, 01.01.2022-30.04.2023), финансиран од страна на Европската унија преку Европската конфедерација на синдикати и Европската федерација на новинари, со Договор за грант број VS/2021/0214

Треба да знаете
Последни објави