Македонската фудбалска репрезентација за играчи до 21 година ги започна подготовките во пресрет на контролниот турнир што ќе се одржи во Хрватска. Покрај македонската селекција, учество ќе земат и репрезентациите на Албанија, Саудиска Арабија и домаќинот Хрватска. Место на одигрување на натпреварите ќе биде Свети Мартин на Мура.
Македонските репрезентативци на тренинг центарот „Петар Милошевски” го одработија првиот тренинг, остануваат уште два пред заминувањето за Хрватска.
Селекторот на репрезентацијата до 21 година, Драги Канатларовски не го крие задоволството што Македонија ќе има прилика да учествува на еден силен меѓународен турнир.
„ По консултациите со мојот тимот за одигрување на што поголем број контролни натпревари, се со цел што подобро да се подготвиме за квалификациите што не очекуваат во март, можам да изразам задоволство што ќе учествуваме на еден ваков силен турнир во Хрватска. Ова е наш втор собир, првиот собир на оваа генерација беше во јуни каде што одлично стартувавме, забележавме две победи над Бих. Се надевам дека во ист ритам ќе продолжиме, со квалитетна игра, голема пожртвуваност и желба за победа. Од натпревар во натпревар ќе се обидеме да ја подобриме нашата играта и да растеме и напредуваме заедно како тим. Вредно и напорно работиме, се трудиме сите заедно максимално на секој тренинг. Ме радува фактот што ги имаме сите играчи на располагање, во Хрватска ќе ни се придружи и Кристијан Тасевски. Оваа репрезентација поседува квалитет и знаење, се надевам дека ќе ја продолжиме победничката низа.”
Првиот натпревар го играме против Албанија на 23. септември. Три дена подооцна силите ќе ги одмериме со селекцијата на Саудиска Арабија.