Извршниот директор на германскиот фудбалски првак Баерн Минхен, Оливер Кан, изјави дека клубот е „незадоволен“ од лошите резултати на стартот од сезоната во Бундеслигата, но сепак има доверба во главниот тренер Јулијан Нагелсман. Поразот на Баерн од Аугсбург (0-1) во саботата беше прв пат во 87 натпревари Баварците да не постигнат гол на првенствен натпревар и првпат по 20 години четири првенствени натпревари по ред да не забележат победа.
Баерн е петти во Бундеслигата. Баварците заостануваат пет бода зад лидерот Унион Берлин и три во однос на најголемиот ривал Борусија Дортмунд. Баерн ќе биде домаќин на Баер Леверкузен на 30 септември и Кан го повика тимот да одговори со напаѓачки перформанси. „Сега немаме никаков контакт со други тренери. Целосно му веруваме на Јулијан“, изјави Кан за Sky Sports во неделата.
„Секако дека сите сме незадоволни, нерасположени. Мораме да стигнеме до суштината и мора да играме напаѓачки против Леверкузен. Можеби еден или двајца луѓе се вкорениле во верувањето дека можете да ја завршите Бундеслигата на лесен начин. Но, тоа не е случај“, рече Кан.
Младиот тренер Јулијан Нагелсман ги троши ппоследните кредити кај раководст ото на баерн Минхен. Дополнителен проблем му создава и фактот што од неодамна е без ангажман и трофејниот Томас Тухел по отказот кој го доби во англискиот Челзи. Токму Тухел е стратегот кого раководството на Баерн го гледа како идеално решение за да седне на клупата кај Баерн. Тухел имаше сигурен ангажман кога Баерн го избра Нагелсман за наследник на Флик, но овојпат ситуацијата е поинаква. Тухел е подготвен за преселба на „Алијанц Арена“ и јасно е дека следниот „кикс“ на Баерн ќе значи и „црвен картон“ за Нагелсман и доаѓање на трофејниот стратег во Минхен.