Влезот на фудбалскиот стадион во Грац и улицата која води до него ќе го носат името на Ивица Осим, најголемиот тренер во историјата на локалниот австриски прволигаш Штурм.
На влезот на стадионот ќе биде подигнат и споменик со ликот на прославениот босански и југословенски стратег и неговата универзална порака – Судир на култури? Вообичаено, културите не водат судири. Затоа и се култури, бидејќи не водат војни.
Осим, кој од 1986 до 1992 година беше селектор на југословенската репрезентација со која на Светското првенство 1990 во Италија дојде до четвртфиналето, почина на 1 мај оваа година во Грац на 80-годишна возраст.
Како тренер на Штурм, на чија клупа седеше од 1994 до 2003 година, освои три шампионски титули во Австрија и три трофеи во австрискиот Куп.