Тениските фанови со нетрпение го чекаат утрешниот ден во О2 арената, но пред да дојде до поселдниот танц на Рожер Федерер, големите тениски ѕвезди денеска ги одработија стандардните прес-конференции и имаа заеднички тренинг во Лондон.
Лејвер Купот ќе биде последниот турнир во кариерата на тенискиот маестро од Швајцарија, кој утревечер ќе се прости од саканата игра на мошне уникатен начин, играјќи во двојки со својот вечен ривал и добар пријател, Рафаел Надал.
Поради состојбата на неговото колено, Рожер не може да се прости со меч во сингл конкуренција, но Бјорн Борг како капитен на тимот на Европа му ја исполни желбата и последниот танц ќе го има во друштво на Надал.
Двајцата денеска се загреваа во О2 арената и нивни противници на загревањето беа Новак Ѓоковиќ и Енди Мари, а пред да се излезе на теренот, Србинот го овековечил моментот.
– Искуство кое се случува само еднаш во животот, на ист терен со овие легенди и ривали. Ти благодарам Лејвер Куп што го овозможи ова. Очекуваме одличен тениски викенд и прослава на кариерата на Рожер Федерер.