Исто како и пред четири години и на ова Светско првенство во групата ќе се сретнат Србија и Швајцарија. Нивната последна средба, која заврши со победа на Швајцарија (2:1), ја одбележаа контроверзната прослава на голот на Гранит Џака и Џердан Шаќири, швајцарски репрезентативци со албанско потекло.
Имено, тие со раце го покажаа албанскиот симбол, двоглавиот орел, што ги разбесни Србите, а од гестот не беа воодушевени ниту Швајцарците.
Директорот на швајцарската репрезентација Пјерлуиџи Тами изјави дека вакво нешто нема да се повтори на Светското првенство во Катар.
„Светското првенство не е само натпреварот со Србија, дури и ако знаеме колку е посебен овој натпревар, со оглед на тоа што се случи во 2018 година. Не сакаме да ги правиме истите грешки, тука сме да играме фудбал и ништо друго. Не сакаме да испраќаме никакви политички или верски пораки“, рече Тами и додаде:
„Сакаме да ги претставуваме нашите вредности. Една од нив е почитта. Покажуваме почит кон различните мислења. За мене би било грешка ако некого испровоциравме со гест. Не треба да има зборови, гест или однесување што ќе предизвика реакции. Кога навиваме, ја покажуваме нашата радост, тоа е важно. Но, не мора да бидеме провокативни“.
Србија и Швајцарија ќе се сретнат во последното коло во групата на 2.декември.