Светските медиуми пишуваат дека Џони Деп е во врска со негова поранешна адвокатка, но тоа не е Камил Васкез, како што се шпекулираше.
Британката Џоел Рич, која го застапуваше Деп во Британија пред две години во судскиот процес за клевета против весникот „Сан“, го освои срцето на холивудскиот актер. Тимот на Деп ја загуби судската битка, но, очигледно, поразот не влијалел на неговите чувства кон адвокатката, пишува „ТМЗ“.
Рич е омажена, но моментално е во процес на развод. Таа и нејзиниот отуѓен сопруг имаат 2 деца.
Рич не беше дел од тимот на судењето во Вирџинија што извојува победа над поранешната сопруга на Деп, Амбер Херд, но таа беше присутна во судницата за поддршка, според „Ју-ес викли“ кој прв ја објави сторијата.
Многу луѓе кои го следеа судењето во Вирџинија беа убедени дека Деп и Васкез се заедно, но Васкез остро реагираше на шпекулациите нарекувајќи ги сексистички.
А што се однесува до Рич, таа е британска адвокатка. Во нејзината биографија е наведено дека „работи на одбрана на угледот на клиентите од лажни и клеветнички наводи во печатени медиуми, на интернет и на социјални мрежи“. Понатаму се наведува дека таа има „посебна стручност во заштита на приватноста на поединци од неоправдан упад и медиумско внимание“.