Фудбалската репрезентација на Србија продолжи во добар ритам и триумфира над Норвешка од 0-2 (0-1) во последното коло на Лигата на нациите. Со оваа победа освен што „орлите“ ѝ се реваншираа на скандинавската селекција за поразот во Белград, го презедоа првото место во групата и се пласираа во Лига А.
На средбата на „Улевал“ во Осло, првата закана ја имаше Ерлинг Халанд уште во првата минута, но Вања Милинковиќ-Савиќ го одбрани ударот. Во српскиот табор најрасположен беше Душан Влаховиќ, кој по првата нереализирана шанса стрелаше за водство во 42. минута. Норвежаните не успеаја да се наметнат, а веќе на стартот на продолжението следеше нов шок. Илиќ испрати топка во шеснаесетникот, па Александар Митровиќ ја проследи во мрежата на домашните за 0-2. Скандинавците како да се помирија со поразот, па до крајот Митровиќ и Радоњиќ можеа да ја зголемат српската предност.
Во групата 4 освен пресметката во Осло се одигра и мечот на Шведска и Словенија кој заврши со нерешени 1-1. Словенците успеаја да останат непоразени и со тоа да опстанат во Б конкуренцијата. На оваа средба еврогол даде Бенџамин Шешко, а Форсберг донесе израмнување за скандинавскиот колектив.
Посакуван резултат обезбеди и селекцијата на Шкотска која играше како гостин на Украина во Краков, откако мечот заврши без погодоци (0-0). Шкотланѓаните успеаја да го одбранат врвот во групата и се пласираа во А конкуренцијата, додека Украинците останаа со празни раце. Иако беа подобар ривал во Полска каде што ги играат своите домашни дуели, избраниците на Петраков не успеаја да го скршат отпорот на ривалот.
На останатите терени во Лига Б, Ирците со победа ја исфрлија Ерменија (3-2), а Албанија славеше со Исланд (1-0).