Управниот одбор на италијанскиот фудбалски гигант Интер свика итен состанок, а се очекува потврда за големиот минус во бизнисот забележан во фискалната 2021-22 година.
Како што пишува „Газета дело Спорт“, загубата е поголема од очекуваното. Во претходната фискална година е забележан дефицит од 245 милиони евра, додека во неодамна завршената се очекува дефицитот да биде меѓу 130 и 140 милиони евра.
Тоа е нешто повеќе од очекуваниот минус од 120 милиони евра, а наводно за тоа придонела и огромната плата на напаѓачот Алексис Санчез, кој остана во клубот до август кога замина во Марсеј.
„Газета“ пишува дека на овој состанок нема да се разговара за останувањето на „Сунинг“ во клубот, но на акционерското собрание најавено за октомври би можело да се разговара за гласините за можна продажба и потрагата по нови инвеститори.