Американскиот бизнисмен Тод Боли го презеде Челзи во мај оваа година, откако Русинот Роман Абрамович беше принуден да го продаде клубот поради британските санкции.
Конзорциумот што го купи Челзи го сочинуваат Боли, кој е и косопственик на американскиот бејзбол тим Лос Анџелес Доџерс, швајцарскиот мултимилијардер Хансјорг Вајс и американскиот бизнисмен Марк Волтер.
Американскиот инвестициски фонд „Клирлејк капитал“ во иднина ќе има најголем удел во лондонскиот клуб.
Боли сега сака да доведе повеќе фудбалски клубови под иста „капа“ и со тоа да го започне проектот за обнова на Челзи по моделот на сопствениците на РБ Лајпциг и Манчестер сити, кои покрај најпознатите клубови во нивна сопственост, поседуваат голем број клубови во други земји.
Англиските медиуми тврдат дека самиот Боли потврдил дека негова желба е португалскиот прволигаш Портимоненсе, а веќе оваа недела ќе има состаноци за преземање на тој клуб.
Тоа е клуб од градот Портимао на самиот југ на Португалија во регионот Алгарве. Пред шест години ја освоија втората лига и тоа им е единствениот трофеј во историјата и оттогаш се дел од елитниот рангна португалскиот фудбал.