Во согласност со својата трајна определба за општествено одговорно делување, тимот на Реплек се приклучи кон глобалната волонтерска иницијатива – Петок за заедницата (Social Friday).
На третиот по ред годинашен Петок за заедницата, што на глобално ниво се одржува на 30-ти септември, членовите на тимот на Реплек обезбедија помош за лицата кои престојуваат во Пунктот за бездомници на Црвениот крст во Скопје.
Помошта на волонтерите од редот на вработените и членовите на менаџерскиот тим на Реплек се состоеше од различни активности поврзани со послужување на зготвената храна, расчистување на мензата по завршување на ручекот, разговори со бездомниците во соработка со стручни лица, како и други активности посочени од одговорните лица во Пунктот.
Во оваа прилика, претставниците на Реплек ја предадоа и донацијата која се состоеше од облека, чевли, конзервирана храна и средства за лична хигиена. Дополнително, компанијата ангажираше и лекар-специјалист кој изврши медицински преглед на сите лица кои престојуваат во оваа установа.
– Тргнувајќи од тоа дека секоја активност е многу поефикасна кога се работи здружено, исклучително ме радува што голем број членови на тимот на Реплек се вклучија и лично учествуваа во обезбедување соодветна поддршка и помош на овие лица. Мотивот за нашето вклучување во оваа глобална општествено корисна иницијатива е јасен и едноставен – да им помогнеме на оние на кои помошта им е најпотребна. Затоа, како тим и како компанијата, и понатаму активно ќе учествуваме во реализацијата на други вакви и слични волонтерски активности во рамки на иницијативата Петок за заедницата, изјави претседателот на Управниот одбор на „Реплек АД“, Душан Пецовски.
Основната идеја на глобалната иницијатива Петок за заедницата (Social Friday) е да ги активира тимовите во компаниите, организациите и останатите општествени групи да се организираат и да посветат дел од сопственото време и ресурси на волонтирање за одредена локална општествена кауза. Главната цел на иницијативата, која се одржува четири пати годишно, во последниот петок од секој квартал, е подигнување на јавната свест за обезбедување помош и поддршка за социјално ранливите категории во заедницата.