Андоновска: Се што е во интерес на скопјани, ние како советничка група ќе го поддржиме, Арсовска да си поднесе оставка и повторно да се кандидира ако е сигурна дека граѓаните го оправдуваат нејзиното делување

Она кое што е важно за нас како советници, како избраници од народот, всушност и наш приоритет како партија, е исполнување на програмата За модерно Скопје, зад која застанавме ние како партија, зад која застанаа повеќе партии и  граѓаните. Луѓето во последните години живеат многу тешко и се соочуваат со голем број проблеми, ја имаат изгубено довербата од премногу лаги и неисполнети ветувања и ние мора да го промениме тоа и да ги вратиме работите на право место, вели Марија Андоновска координатор на советничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во Советот на Град Скопје, во вклучување во емисијата Стадион на Канал 77.

Андоновска потенцираше дека советничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе даде поддршка на секој проект кој што е дел од програмата За модерно Скопје, но и на проекти кои што не се дел од програмата, но да бидат во интерес на скопјани.

Би сакала на седниците да дебатираме само за проекти, како да го подобриме проектот кој што ќе го дискутираме на седниците, а не да имаме празни омаловажувања, драми, скандали или слично, за тоа ние се залагаме. Јас ве уверувам дека ние понатаму како советничка група ќе го поддржиме буквално секој проект кој што е дел од програмата, но еве и да не биде дел од програмата, но да биде за доброто на скопјани, рече Андоновска.

Андоновска постави три прашања до Данела Арсовска, од кои едно за прочистителната станица зошто се уште не се сменети членовите на комисијата за која таа тврдеше дека имало влијание врз понудувачите и барала нивна промена, дали ќе разреши директорот на ЈСП кој вербално се заканил по живот на советник од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, укажувајќи дека на тој начин ќе покаже дека не го оправдува насилството.

Имам три прашања кои што ја интересираат македонската јавност, а и мене лично, а тоа е како градоначалничката тврди дека имало влијание врз понудувачите за пречистителната станица и бараше смена на комисијата, а зошто тие и денес не се сменети, туку се истите членови на комисијата. Дали на ваков начин не е доведена опасноста од нереализација на проектот за пречистителната станица, истакна Андоновска.

Понатаму како второ на последните две седници, советниците поднесоа неколку иницијативи за продолжување на автобуските линии и воведување на нови, 2, 47А, 59, 19. Впрочем и во програмата за модерно Скопје на страница 29 со црвено стои стратешки проект, продолжување на постоечките линии и воведување на нови автобуски линии. Како советничка група на дневна основа имаме средби со граѓаните кои што ги изнесуваат своите проблеми, а  наша обврска како избраници е да се потрудиме да решиме што повеќе од тие проблеми. Како што споменав тргнувајќи од тоа на советот поднесовме неколку иницијативи за продолжување на постоечките и воведување на нови, но на директорот на ЈСП очигледно не му се допадна тоа што се случи, и се случи еден немил настан каде вербално директорот на ЈСП се закана по живот и нападна советник, што според мене е крајно недозволиво и неприфатливо, и барам одговорност и оставка. Дали градоначалничката не чувствува одговорност за заканите на директорот на ЈСП врз наш колега советник и дали истиот ќе биде како што милува да каже принципиелно разрешен се со цел да се даде до знаење дека насилствата не се оправдани, посочи таа.

Во однос на назначување на нови директори на јавните претпријатија, Андоновска ја праша Арсовска дали чувствува одговорност спрема гласачите, симпатизерите и членовите на ВМРО-ДПМНЕ бидејќи токму ВМРО-ДПМНЕ даде поддршка на нејзината кандидатура, а сега назначува директори од ДУИ, како и дали ќе си поднесе оставка од функцијата за да може повторно да се кандидира за да се види дали граѓаните ги оправдуваат нејзините постапки и начинот на кој што таа делува во моментот.

И за крај, градоначалничката е независен кандидат, но факт е дека повеќе партии и дадоа поддршка, од која најповеќе е ВМРО-ДПМНЕ. ВМРО-ДПМНЕ ги повика своите членови, гласачи и симпатизери да дадат поддршка. Деновите сме сведоци на многу нови назначувања на директори во јавните претпријатија, кои според сликите кои што можевме да ги видиме на социјалните мрежи, новите директори се членови и партиски функционери на ДУИ. А од друга страна пак градоначалничката не престанува со нападите и навредите кон ВМРО-ДПМНЕ, баш кон ВМРО-ДПМНЕ која најповеќе придонесе за нејзината победа, а од друга страна назначува партиски функционери од ДУИ за директори. Дали градоначалничката не чувствува одговорност спрема гласачите на ВМРО-ДПМНЕ и доколку е сигурна во нејзините постапки и делувања, дали е подготвена да си поднесе оставка и повторно да се кандидира за да видиме дали граѓаните ги оправдуваат овие нејзини постапки и начинот на кои што таа делува во моментот, праша Андоновска.
Треба да знаете
Последни објави