Летонците денеска гласаат на парламентарните избори во услови на руската инвазија на Украина, па аналитичарите оценуваат центристичкиот премиер Кристијанис Каринш ќе остане на чело на владата, пренесува францускиот весник Фигаро.
Експертите го објаснуваат својот заклучок со слабеењето на популистите, конзервативците и Социјалдемократската партија „Согласност” (блиска до рускојазичното малцинство), додека прозападната партија на Каринш „Ново единство” води во предизборните анкети со околу 13 отсто.
Два дена пред гласањето, претседателот Егилс Левитс ги повика граѓаните на балтичката земја, членка на ЕУ и НАТО, да излезат на гласање. Сепак, тој издаде предупредување во однос на про-Кремљ партиите, блиски до значајното рускојазично малцинство, кое „на почетокот на руската инвазија на Украина, се двоумеше јасно да каже кој е агресорот, а кој жртвата”.
Без да ги именува, тој во своето соопштение ги критикуваше популистичките партии кои „предлагаат едноставни и често непрактични решенија за екстремно сложените проблеми, кои ветуваат дека од денес до утре ќе ги намалат сите трошоци и ќе ја зголемат целата помош”, особено споменувајќи ги цените на енергијата.
Избирачките места беа отворени во 07:00 часот по локално време (04:00 по Гринич) и ќе бидат затворени во 20:00 часот (17:00 по Гринич). Неколку минути подоцна се очекува да бидат објавени првите податоци од излезните анкети.