Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Дарко Димовски учествуваше на 24. Синдикална школа на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита и пред 200 синдикалци негови членови истакна дека ССМ цврсто стои заедно со здравствените работници и дека е потребна синдикална акција преку организирање генерален штрајк во здравство за вршење на притисок кон властите да ги зголемат платите на здравствените работници веднаш, објави ССМ на својот фејсбук профил.
Од ССМ посочуваат дека доколку Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита на Република Македонија донесе таква одлука, ССМ ќе застане позади него.
– Работниците во здравството да се охрабрат и да застанат цврсто во намерата да го добијат заслуженото зголемување на нивните плати поради тоа што Министерството за здравство и Владата не го ценат и вреднуваат нивниот труд, истакна Димовски.
Претседателот на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита, Љубиша Каранфиловски истакна дека во наредните денови во зависност од информациите од министерот за здравство и Владата, на седница на Советот ќе се одлучи за организирање на генерален протест заедно со другиот синдикат и доколку нема резултат, како крајно средство, штрајк во цело здравство.
На денешната средба се покажа единството на синдикатите во здравствената дејност Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита и Самостојниот синдикат на вработените во универзитетските клиники, центри, клинички болници и други јавни здравствени установи – ССКЦ кои заеднички ќе ги преземат сите наредни чекори со цел достоинствено вреднување на трудот и зголемување на платите на здравствените работници, објави ССМ на својот фејсбук профил.