Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски преку објава на својот профил на Фејсбук го покани вицепремиерот задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи утре да дојде на состанок во 12 часот во седиштето на неговата партија, со цел, како што вели, детално да му го објасни неговиот планот и концептот, кои „ќе значат закрепнување на економијата и помош на бизнисот”.
– Состојбите се пресериозни за вака неодговорен однос на Владата и демонстрација на суета на Димитар Ковачевски, вели Мицкоски во објавата.
Тој наведува дека побарал средба со Ковачевски за „да го презентира концептот за ублажување на последиците од енергетската криза и спас на работни места” и го повикал на дебата на тема енергетика/економија на медиум кој сам ќе го одбере, но дека премиерот го одбил тоа „со изговор дека сега не било време”.
– Нудам концепт не само за оваа есен и зима туку и за следната година. Од сето ова политички поени не ме интересираат кога цената е иднината на Македонија и илјадници луѓе чии работни места се под знак прашање. Сакам вистински да се помогне, затоа што работите се пресериозни и поважни од суетата на било кој член на Владата, додава Мицкоски во објавата.