Денеска (02.10.2022) во 09:00 часот на Граничниот премин Деве Баир полициски службеници го лишија од слобода Н.П.С. (34) од Плевен, Република Бугарија.
По претходно преземени оперативно тактички мерки од страна на СВР Скопје и добиени оперативни податоци од бугарските полициски служби, утврдено е дека Н.П.С. е сторител на повеќе кривични дела „измама” по чл.247 од КЗ.
Имено, во периодот од 18.09 до 01.10. на подрачјето на СВР Скопје биле пријавени осум измами, при што од оштетените- повозрасни лица, тој успеал да одземе околу 40.000 евра и злато во вредност од околу 10.000 евра.
Измамникот успевал оштетените да ги доведе во заблуда телефонски јавувајќи им се и кажувајќи им дека член на нивното потесно семејство наводно предизвикал сообраќајна несреќа, при што има загинато дете, и доколку сака да го спаси од одење во затвор, барал од оштетените поголема сума на пари.
-При извршениот претрес кај Н.П.С. се пронајдени 10.400 евра,картици за телефон,телефон и други предмети поврзани со кривичните дела. По документирање на случаите, ќе биде поднесена кривична пријава до надлежното обвинителство. Апелираме до граѓаните да внимаваат и да не наседнуваат на вакви измами, а доколку добијат вакви повици, случајот веднаш да го пријават во најблиската полициска станица или на бесплатниот телефонски број 192, велат од МВР.
Ова е втор случај за дваесеттина дена во кој е приведен бугарски државјанин за ваква измама.
Бугарските државјани К.О.И.(51) и Г.Е.М. (56), двајцата од Благоевград беа уаапсени на 14 септември во Скопје откако со измама се обиделе да земат 20.000 евра од 65-годишна жена од Скопје, лажејќи ја дека нејзината ќерка прегазила дете и дека тие ќе и помогнеле за да не оди во затвор.
Скопјанката им дала дел од парите, а кога Бугарите го побарале остатокот таа го пријавила случајот во полиција. Двајцата измамници биле уапсени во моментот кога ги зеле парите.