Државата во секое време треба да има на располагање парцели за продажба за поставување фотоволтаци на земја. Ова е само една препорака од стопанственици со искуство во областа. За конкретни резултати за што повеќе струја од обновливи извори на енергија во услови на енергетска криза се бара соработка на државата со стопанствениците за кратење на процедурите, бидејќи, како што потенцираат, има интерес и начини за финансирање. Еден од најавените чекори во таа насока се измените на Законот за градање што се во собраниска процедура, а со кои, според надлежните, се поедноставуваат процедурите за поставување фотоволтаици.
Со законските измени се предвидува фотонапонските електроцентрали да може да бидат поставени на објекти во индивидуална сопственост до шест киловати и од сите субјекти потрошувачи – производители до 40 киловати. На колективните згради со етажна сопственост вакви електроцентрали можат да бидат поставени од заедницата на сопственици, односно Совет на станари единствено за заедничките простории.
Повеќе нема да бидат потребни одобренијата за фотонапонски централи од општините
Клучно со измените е дека на граѓаните и на фирмите нема да им биде потребно одобрение или решение од општината за поставување фотонапонски централи како што беше досега. Инвеститорите на електроцентралата, како што најави ресорниот министер Благој Бочварски, се должни само да ја известат единицата на локалната самоуправа за поставување на електронапонска централа и да ги достават документите: Извод од Централен регистар доколку инвеститорот е правно лице, што значи за фирмите или компаниите или копија од лична карта доколку инвеститорот е физичко лице за куќа или домаќинство, имотен лист за објектот на кој се предвидува да се постави фотонапонска електроцентрала или доколку објектот не е во сопственост на инвеститорот се доставува договор склучен со сопственикот на објектот или писмена согласност од сопственикот.
Исто така, потребен е основен проект за поставување на фотонапонска електроцентрала или доколку е во колективна станбена зграда писмена согласност за поставување на фотонапонска електроцентрала од мнозинството од сопствениците на посебни делови на објектот кои претставуваат повеќе од половина од вкупната површина на објектот.
Основниот проект треба да содржи општ дел и проектен дел кој се состои од архитектонски проект за електрична инсталација и опрема. Градбите се поставуваат од страна на изведувач со лиценца, се ставаат во употреба врз основа на изјава дадена под кривична и материјална одговорност од страна на изведувачот дека е поставена согласно основниот проект, каде што максималната инсталирана моќност на електроцентралата не надминува 40 киловати за правните лица, односно шест киловати за домаќинствата. Фотонапонската електроцентрала е приклучена на електроенергетската инфраструктура, односно приклучокот на ЕВН. Инвеститорот е должен после оваа процедура примерокот од изјавата на изведувачот да го достави до единицата на локалната самоуправа и до Агенцијата за енергетика.
– Со оваа измена во Законот за градење за ваков тип мали централи кои се поставуваат од потрошувачи, производители, се поедноставени административните процедури и ќе нема ограничување на капацитетот на електроцентралите кои се поставуваат на објекти со добивање на решение во општината, а досега максималниот капацитет беше до еден мегават, најави министерот Бочварски.
Предлог законот веќе доби поддршка од матичната Комисија за транспорт и врски, како и од Законодавно-правната комисија. Во тек на амандманската расправа Предлогот не претрпе промени во предвидената постапка за поставување фотоволтаици и се очекува да биде изгласан на пленарна седница.
Субвенции за фотоволтаци побарале 10 домаќинства, оглас до крај на годината
До Министерството за економија досега се пристигнати барања за субвенционирање трошоци за поставени фотонапонски панели од преку 10 домаќинства со инсталирана моќност од околу 30 киловати. Тие ќе можат да аплицираат за средствата по објавата на Огласот за субвенциниорање, што според најавите од ресорното Министерство, треба да се случи до крај на годината, откако ќе се изгласаат измените на Законот за градење со кои се најавени поедноставени процедури за поставување фотоволтаични електрани на покривите на домаќинствата и стопанските објекти.
Со последните измени на Правилникот за обновливи извори на енергија се овозможи потрошувач-производител да постави производна постројка со поголема инсталирана моќност со цел целосно да ја задоволи својата потрошувачка и воедно да пласира поголема количина во мрежата. Со тоа, како што објаснуваат од Министерството за економија за МИА, за одредени категории субјекти целиот концепт станува поатрактивен, односно инсталираната моќност на постројката за производство да не е поголема од 6 киловати, за домаќинствата и инсталираната моќност на постројката да не е поголема од 40 киловати, за мал потрошувач, буџетски корисник и единка корисник.
Исто така, укажуваат од Министерството, со Правилникот се овозможи секое домаќинство, мал потрошувач и буџетски корисник/единка корисник да склучи договор за снабдување и предавање на вишокот на произведена електрична енергија со кој било снабдувач со електрична енергија, вклучително и со универзалниот снабдувач.
Владата, на предлог на Министерството за економија донесе Програма за промоција на обновливи извори на домаќинствата за 2022 година, а со ребалансот на Буџетот, средствата за нејзина реализација се зголемија на 60 милиони денари, од претходно одобрените 30 милиони денари. Тие средства ќе се користат за надоместување на дел од трошоците за купување и инсталирање фотонапонски панели за производство на електрична енергија за домаќинствата, до 30 проценти, но не повеќе од 62.000 денари по домаќинство за 2022 година.
Од Министерството за економија најавуваат дека до крајот на годината, откако ќе се изгласаат измените на Законот за градење од страна на Собранието, ќе распишат јавен оглас, на кој заинтересираните домаќинства ќе имаат право да аплицираат за остварување надомест на дел од трошоците за купување и инсталирање на фотонапонски панели за производство на електрична енергија за сопствена потрошувачка, а вишокот да го предаваат на електродистрибутивната мрежа, согласно со Правилникот за обновили извори на енергија.
Според Министерството за економија, постои значително зголемување на интересот кај граѓаните за поставување на фотонапонски панели на покрив по направените промени во Правилникот за обновливи извори на енергија со кои, како што потенцираат, се отстранети извесни пречки кои го отежнуваа процесот за поставување на фотонапонски електрани при што вишокот на произведената електрична енергија се предава во системот- потрошувач производител.
– Министерството за економија ќе ги поддржи инвестициите на фотонапонски панели на покрив, предвидено со годишната програма за промоција на за обновливи извори на енергија. Досега иако огласот за субвенционирање не е објавен, до Министерството има пристигнато барања за субвенционирање на трошоците за поставени фотонапонски панели од преку 10 домаќинства со инсталирана моќност од околу 30 киловати. Граѓаните се известени дека по објавување на повикот треба да аплицираат, велат за МИА од Министерството за економија.
Неделно и до 40 барања од компании до РКЕ за лиценци за фотоволтаици
Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) годинава издаде лиценци на компании за капацитет од 63,5 мегавати од фотоволтаици и од 6,5 мегавати од мали хидроелектрани и бележи се поголем интерес за вакви инвестиции.
Претседателот на РКЕ, Марко Бислимовски очекува до крајот на годината да има над 100 мегавати новозиградени обновливи извори на енергија со лиценците што се веќе издадени или се во постапка на издавање.
– Огромен е интересот. До овој момент РКЕ има доставено 134 лиценци за производство на електрична енергија од фотоволтаици или мали хидроелектрани. Вкупниот инсталиран капацитет е 63,5 мегавати од фотоволтаици, а 6,5 мегавати од мали хидроелектрани. Има уште 51 компанија која ни е во постапката за издавање на лиценци. Значи очекувањата се дека до крајот на годината ќе имаме преку 100 мегавати новоизградени обновливи извори, што е да речеме повеќе од еден Козјак. Тоа е само за една година, од 1 јануари, информира Бислимовски и потсетува дека по овој основ минатата година имаше околу 14 мегавати.
Во последниот месец неделно добиваат околу 30 до 40 барања, што, според него, значи дека интересот е екстремно голем.
Постапката во делот што е надлежност на Регулаторната комисија за енергетика, како што вели, во просек трае 22 дена.
– Значи, немаме никаков проблем од аспект на РКЕ, бидејќи покрај документите што ги имаат извадено, одобрение за градба, проект, решение за согласност за приклучување, ние бараме уште неколку документи кои се вадат за еден ден, пред се, од Централен регистар или од Управата за јавни приходи или од судовите. Така што, нема проблем кај нас. Претпоставувам во постапките за вадење одобрение за градба постапките траеле нешто подолго, вели Бислимовски.
Најголем дел од компаниите, појаснува тој, фотоволтациите ги поставуваат на покриви со единствена цел да си ги намалат трошоци за електрична енергија. Претежно тоа се компании со производен процес, а меѓу примерите Бислимовски ги наведува задругата Челопек, млекарата Николови, а има и компании за производоство на чевли. Поставувањето фотоволтаици, укажува, помага да им се намалат дел од трошоците, а тоа на годишно ниво може да биде околу 30 проценти.
Шестмесечни искуства на фирмите за целата постапка
Компаниите со искуство во поставување фотоволтаици што ги консултиравме се согласни дека е неопходно скратување на процедурите за добивање документацијата.
На „Млекара Николови”, кои што инсталирале фотоволтаична централа од 70 киловати, како што информира нејзиниот сопственик Мартин Николов, за целата постапка им биле потребни шест месеци. Инвестирале три милиони денари, од кои 20 проценти како грант преку Европската инвестициска банка.
Николов смета дека треба да се скратат сите процедури, околу плаќање комуналии, делот на ЕВН, на МЕПСО… Да се скрат роковите за согласностите. – Сето тоа треба да оди по брза постапка, а не да се одолговлекува, вели Николов.
Тековните законски измени, според него, може ќе помогнат при поставување фотоволтаици на маркети, но не и на производствени капацитети.
– Поставувањето фотоволтаици е позитивно како инвестиција, меѓутоа треба да се скратат процедурите околу добивање дозволи и лиценци. Државата треба во секое време ако некој сака да инвестира во фотовотаици на земја да има подготвено парцели за продажба, изјави за МИА Николов.
Тој порачува Владата да соработува со стопанствениците бидејќи има интерес за вложување и механизми за финансирање. – Моите податоци се дека има заинтересирани инвеститори што сега би вложиле во централа поголема од РЕК Битола, посочи Николов.
Документација за договори за снабдување до ЕВН од 10 физички лица и шест мали компании на регулираниот пазар
Oд ЕВН за процедурите во нивна надлежност во целиот процес за МИА истакнуваат дека функционираат во согласност со државните закони, како и дека рокот за сите поднесени барања се запазува. Нема, посочуваат, застој во издавање на согласност за приклучок. Но, добивањето дозволи за градба не зависи од ЕВН Електродистрибуција, како и многу други потребни документи кои се издаваат од други институции, општина, катастар итн.
Согласност за приклучување кај корисници на регулиран пазар кои се под ЕВН Хоме за потрошувач-производител (домаќинство или компанија која се снабдува од ЕВН Хоме) се издава од страна на Корисничкиот енерго центар (КЕЦ) во рок од 15 дена од датумот на поднесување Барање за согласност за приклучување. Замената на броилото, доколку е потребно, се врши по добивање решение за поставување фотоволтаични панели издадено од општината, при склучувањето на нов договор со ЕВН Хоме.
Доколку вкупната моќност на издадените решенија за приклучок за производители и потрошувачи-производители не ја надминува вкупната моќност на производните постројки по трафостаница, се пресметуваат само административни трошоци. Издавање на нова енергетска согласност, пак, чини 3.690 денари. За сите останати случаи се пресметуваат реални трошоци за приклучување.
Потребни документи се барање за нов приклучок, решение за поставување фотоволтаици од општина, имотен лист и ревидиран основен проект со Еднополна шема за поврзување на фотоволтаикот.
За компаниите кои инвестираат во производство на електрична енергија со фотоволтаици, а кои се снабдувани на отворен пазар на електрична енергија, со идна лиценца за производство на електрична енергја издадена од РКЕ процедурата предвидува да се поднесе барање за приклучок во Електродистрибуција (БСП 2), по што се добива решение и договор за приклучување и по потпишување и исполнување на условите во договорот се започнува постапката за физичко приклучување.
Рокови за согласност за приклучок, реализација и енергетска инфраструктура
Потребни документи приложени кон БСП2 согласно Закон за енергетика и Закон за градба се дозвола за градба или решение за поставување на панели на покриви, потоа Извод од Централен регистар, Имотен лист, Извод од Катастар, лиценца за производство од Регулаторна комисија за енергетика и основен проект врз основ на кој е добиена дозволата за градба.
– Електродистрибуција има законски рок од 40 дена по поднесено барање за издавање на согласност за приклучување. А потоа 50 дена за физичка реализација на приклучокот и 70 дена за добивање евентуални дозволи за градба, за поставување кабли, трафостаници и генерално поставување на енергетска инфраструктура, објаснуваат од ЕВН.
Годинава, 10 физички лица и шест мали компании кои се на снабдуваат со електрична енергија на регулираниот пазар, односно преку ЕВН Хоме, имаат поднесено документација за склучување договори за снабдување со електрична енергија и продавање вишок произведена електрична енергија со ЕВН Хоме. Притоа, 92 физички лица и 251 мали компании имаат инсталирано фотоволтаични системи и треба да го регулираат снабдувањето и продажбата на електрична енергија, односно да поднесат документација за склучување договори за снабдување и продавање вишок произведена електрична енергија со ЕВН Хоме.
Како што наведуваат од ЕВН, постоечката мрежа не ги задоволува потребите за градба на големи капацитети на обновливи извори и поради тоа е потребно надградба на мрежата што само по себе значи поголем временски период за изградба и реализација на приклучокот.
– Најголеми проблеми се јавуваат при постапките за обезбедување дозволи за градба на енергетската инфраструктура. Инвеститорите треба да бидат запознаени дека Електродистрибуција ја поминува истата постапка за вадење дозволи како и тие. Од нас се очекува градбата на фотоволтаичните проекти да отпочне веднаш по добивање на согласноста без обезбедени дозволи за градба, што не е можно и не би било законски, појаснуваат од компанијата.
Во однос на тоа што е клучно што треба да знае едно домаќинство, односно компанијата, пред да донесе одлука за ваква инвестиција појаснуваат дека најголема рентабилност на Фотоволтаичниот систем се постигнува кога најголемиот дел од произведената електрична енергија од системот се искористува за сопствени потреби, посебно кај категоријата на потрошувачи-производители кои се снабдуваат од регулираниот снабдувач ЕВН Хоме.
Кај производителите кои се снабдуваат на отворен пазар, продажбата на електричната енергија е околу 15-20 проценти помала од цената на енергијата со која се снабдуваат и со моменталните цени на отворениот пазар на електрична енергија системите се високо рентабилни. Секогаш треба да се провери можноста за приклучување на фотоволтаичниот систем кон дистрибутивната мрежа, земајќи ја предвид постоечката енергетска согласност на објектот како и непосредните услови во околината (близина на трафостаници, искористен капацитет…итн), укажуваат од ЕВН.
Прегледот на чекорите, постапките и документите што се неопходни при поставување фотонапонска електрана се достапни во прирачникот што го подготви Министерството за економија.
Блок тарифи и на регулираниот пазар на струја
Во насока на намалување на потрошувачката на струја, Регулаторната комисија за енергетика најавува блок тарифи и на регулираниот пазар на електрична енергија.
– Имајќи ги во предвид добрите резултати што ги имаме добиено за домаќинствата, регулираниот пазар на електрична енергија ќе ни биде следниот таргет за којшто планираме да воведеме блокови односно блоковска структура на потрошувачка, изјави за МИА Марко Бислимовски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика.
Првично е договорено, појасни, да се направат анализи во однос на потрошувачката на малите потрошувачи, да видиме каква е структурата пред се бидејќи таму има микро претпријатија, па нешто поголеми претпријатија, да видиме што структура на потрошувачи ќе имаат, па потоа да видиме на кој начин ќе ги воведуваме блоковите и можеби да има повеќе категории на потрошувачи со различна блоковска структура.
Во однос на тоа дали ќе се примени принципот кај домаќинствата за плаќање помали сметки при помала потрошувачка, претседателот на РКЕ вели дека очекуваат стимулирање на намалување на потрошувачката.
– Ќе ни биде и со блоковите тоа што ни покажува веќе кај домаќинствата. Имаме првични анализа за јули и август дека имаме намалена потрошувачка на електрична енергија, но тоа е првично. Најдобриот резултат ќе го видиме во зимските месеци кога ќе започне грејната сезона. Очекуваме таков резултат на стимулирање на намалување на потрошувачката, но и бенефит кај малите потрошувачи да предизвика и оваа мерка, вели Бислимовски.
Новиот концепт на плаќање струја според блок тарифи кај домаќинствата почна да се применува на 1 јули годинава.