Сите надежи на навивачите на Манчестер јунајтед дека по серијата победи кризата во тимот е надмината беа „урнати“ на „Етихад“, каде што шампионите Манчестер сити предводени од Ерлинг Халанд ги декласираа со 6:3, во партија во која Пеп Гвардиола го надмудри својот поранешен „чирак“, Ерик Тен Хаг.
Дека работите нема да бидат добри за гостите се виде уште во осмата минута, кога по одлична тимска акција, Фил Фоден го постигна својот прв гол на мечот. Финишот на првото полувреме беше уште покатастрофален за „ѓаволите“ – Ерлинг Халан прво во 34. минута беше највисок во скокот по еден корнер, за три минути подоцна по асистенцијата на Кевин де Брујне да го постигне и вториот гол за 3:0. Катастрофата во првите 45 минути ја комплетираше Фоден во 45. минута по асистенција на Халанд.
Антони, со прекрасен гол во 56. минута ги „излажа“ навивачите на Јунајтед дека е возможен ако не камбек, тогаш барем чесен пораз, но Халанд не покажа ваква милост, откако во 64. минута зголеми на 5:1 по уште една убава акција на Сити против „расштиманата“ одбрана на госите. Да не остане покус, Фил Фоден во 73. минута по асистенција на Халанд го комплетираше својот хет-трик, пред повратникот во тимот на Јунајтед, Антони Марсијал да намали на 6:2 во 84. минута и на 6:3 во 91. минута со гол од пенал.
Со победата, Сити се искачи на второто место на табелата со 20 поени, само еден зад лидерот Арсенал, додека Јунајтед остануваат шести со 12 поени.