Норвешкиот голгетер во редовите на Манчестер сити, Ерлинг Халанд, постави нов рекорд во својата дебитантска сезона во Премиер лигата, откако го постигна третиот хет-трик за што му беа потребни само осум натпревари, пренесуваат денеска британските медиуми.
Манчестер сити вчера во градското дерби го совлада Манчестер јунајтед со 6-3 во натпревар од 9. коло во Премиер лигата. Халанд постигна три голови, а учествуваше во акциите кои претходеа на пет од шесте погодоци на својот тим.
На Халанд ова му беше трет хет-трик сезонава, откако претходно постигна по три голови на дуелите против Кристал Палас и Нотингем Форест.
Досегашниот рекордер беше поранешниот англиски репрезентативец Мајкл Овен кому за првите три хет – трика му беа потребни дури 48 натпревари.