Фудбалерот на Баерн Минхен, Кингсли Коман, денеска се врати на тренинзите со тимот, по три и пол недели отсуство поради повреда. На почетокот на тренингот, Коман размени неколку додавања со соиграчите пред да добие прегратка од тренерот Jулијан Нагелсман и аплауз од соиграчите, објави Франс прес.
Коман на тренинг на 9 септември го повреди мускулот на десната нога, поради што го пропушти собирот на француската репрезентација во средината на септември и два меча во Лигата на нации против Австрија и Данска.
Неговото враќање на тренинзите во Баерн е добра вест и за француската репрезентација на седум недели пред почетокот на Светското првенство во Катар.
Фудбалерите на Баерн утре го пречекуваат Плзен во натпревар од третото коло од групата Ц на Лигата на шампионите, а следниот викенд ги очекува дерби дуелот против Борусија Дортмунд во Бундеслигата.