Проектот за платформа за политички дијалог и соработка што го започна Емануел Макрон, кој ќе ги собере лидерите на ЕУ и 17 европски земји, за првпат ќе ја види светлината на денот во Прага во четврток, 6 октомври 2022 година. стабилноста и просперитетот на Европа ќе бидат во срцето на дискусиите, уверува претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел во писмото – покана, чии делови се објавени во повеќе медиуми, јави дописникот на МИА.
Лидерите на Европската унија и нивните континентални колеги ќе се сретнат во четврток на 6 и петок на 7 октомври 2022 година во Прага за да разговараат за одговорите на драматичните последици од руската војна во Украина, според претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.
„За неколку дена ќе се сретнеме во Прага на два важни настани: првиот состанок на Европската политичка заедница на 6 октомври и неформален состанок на Европскиот совет следниот ден”, напиша тој во неделата на 2 октомври во писмото – покана до лидерите на ЕУ.
„Се договоривме да ја отвориме Европската политичка заедница со цел да ги зближиме земјите од континентот”, нагласи Мишел.
На состанокот поканети се лидерите на 17 европски земји (Обединетото Кралство, Турција, 6-те земји од Западен Балканм меѓу кои и Северна Македонија, Швајцарија, Норвешка, Исланд, Лихтенштајн, Украина, Грузија, Молдавија, Ерменија и Азербејџан).
„Амбицијата е да се соберат лидерите на еднаква основа и да се поттикне политичкиот дијалог и соработка за прашања од заеднички интерес, така што заедно ќе работиме на зајакнување на безбедноста, стабилноста и просперитетот на Европа како целина”, инсистираше Шарл Мишел.
Состанокот ќе започне четврток во 13 часот во Прашкиот замок со пленарна седница. По него ќе следат „тркалезни маси и билатерални состаноци”, рече тој. Со работна вечера ќе се затвори овој прв состанок на Европската политичка заедница, но „не се предвидува формален писмен резултат”, прецизира тој.
Лидерите на 27-те земји на ЕУ ќе се сретнат во петок на неформален самит за време на кој ќе разговараат за „три итни меѓусебно поврзани прашања: војната на Русија во Украина, енергијата и економската ситуација”, според Шарл Мишел.
„Ќе разговараме за тоа како да продолжиме да обезбедуваме силна економска, воена, политичка и финансиска поддршка за Украина онолку долго колку што е потребно, и ќе разгледаме како најдобро да ја заштитиме нашата критична инфраструктура”, објасни претседателот на Европскиот совет.
Консултациите, исто така, мора да помогнат „да се решат високите цени за домаќинствата и бизнисите, да се поддржат растот и работните места и да се заштитат ранливите кои најмногу страдаат од високите сметки за енергија”, инсистираше тој, додавајќи дека „клучот ќе биде нашата способност да останеме обединети и да ги координираме нашите политички одговор, во дух на солидарност и одбрана на нашите заеднички интереси”.