Македонскиот фудбалски репрезентативец Бојан Миовски викендов постигна уште два гола за Абердин во победата против Килманрок (4:1) и по осум настапи има вкупно седум погодоци. Миовски е втор најдобар стрелец во шкотската Премиершип. Ова е третпат откако летово дојде во Абердин, Миоски да постигнува по два гола на меч, а претходниот пат имаше шанса да запише три погодока, но се откажа да изведува пенал. Таа улога му ја препушти на негов соиграч.
Македонскиот репрезентативец е на делба на втората позиција на листата со најдобри стрелци во шкотскиот шампионат со Јапонецот Кијого Фурухаши од Селтик, а прв стрелец со осум гола е Хрватот Антонио Чолак од Глазгов Ренџерс.
-Моја цел е да бидам најдобар стрелец во Шкотска и тоа е сон на секој напаѓач. Кога давам гол(ови) тоа ме турка напред, а кога ќе видам дека и другите дале гол(ови) го сакам и јас истото за да завршам прв. Јас знаев дека ќе дадам многу голови ако дојдам во Абердин, ми се допаѓа стилот на игра, кој уште на почеток кога ми беше презентиран, беше дека ќе играме офанзивно со многу напади. Имам одлична соработка и однос со соиграчите и се надевам така ќе остане“, рече Миовски.