Тренерот на англискиот фудбалски премиерлигаш Ливерпул, Јирген Клоп, беше повеќе од среќен со победата над Глазгов Ренџерс од 2:0 во групата А од Лигата на шампионите. Тој призна дека на неговиот тим му беше потребен токму таков настап и токму таква победа за да си ја врати самодовербата по бледите игри во последно време.
„Токму тоа ни требаше. Беше солидна претстава, беспрекорна дефанзивна игра, сите се вклопија во новата игра. Понекогаш треба да се менуваат работите. Сигурно беше изненадување за Глазгов Ренџерс како бевме поставени на теренот. Победивме со 2:0 и јас сум повеќе од среќен“, призна Клоп.
Германецот посвети многу повеќе внимание на дефанзивниот дел од тимот, со оглед дека тоа е најголемата маана на Ливерпул на стартот од сезоната.
„Ја трениравме оваа формација само еднаш. Им кажав на играчите како сакам да играме и мислам дека тие се покажаа добро. Понекогаш немавме среќа со офанзивните акции, но во дефанзива бевме непробојни“, дополни Клоп.