Болно враќање во Евролигата: Потоп на Партизан во Берлин

Екипата на Партизан Mozzart Bet неславно се врати во кошаркарската Евролига, со пораз од Алба Берлин (100-84) на гостувањето во Германија.

По осум години „црно-белата“ армија доби шанса да гледа елитна европска кошарка, но фановите не се одушевени од тимот на Жељко Обрадовиќ на премиерата во најквалитетното европско кошаркарско натпреварување.

Тренерот Жељко Обрадовиќ беше видно разочаран од изданието на своите кошаркари, бесен на очајната игра во одбраната, па нема сомнеж дека трофејниот стручњак ќе настојува што поголем дел од овие грешки да бидат корегирани на дуелот со МЗТ закажан за понеделник во СЦ „Јане Сандански“.

Алба тргна фуриозно, ја доби првата четвртина со 33-18, а потоа во вториот период поведе со преубедливи 46-20. Партизан се разбуди и во третата четвртина успеа да се приближи на само десет поени негатива, но германскиот клуб благодарение на офанзивниот напад умешно ја зголеми предноста и на крајот славеше со конечни „плус 16“, со тројката што ја постигна Ло во последната секунда. Блат со 16 и Сикма со 15 поени ги предводеа стрелците на Алба, додека најефикасен во редовите на Партизан беше Ексум со 22 поени.

Европскиот првак Анадолу Ефес ја почна одбраната на титулата со домашна победа над Црвена Звезда од 72-59. „Црвено-белите“ без помошта на Недовиќ и Добриќ солидно парираа три четвртини, но квалитетот и искуството на Ефес се покажаа како клучен фактор. Мициќ и покрај двете лични грешки на самиот почеток го предводеше Ефес во оваа победа, реализирајќи 16 поени и шест асистенции, а најефикасен беше Вил Клибурн со 18 поени.

Треба да знаете
Последни објави