Македонската футсал репрезентација загуби вечерва на гостувањето во Шведска со 5-2 (1-1) во премиерниот натпревар во квалификациите за пласман на Светското првенство 2024.
Избраниците на селекторот Васил Скендеровски поведоа на гостувањето во Алсингас по само 65 секунди игра преку Петровиќ, а домаќините израмнија до крајот на полувремето со голот на Смајловиќ (17 минута).
Шведска дојде до резултатски пресврт во продолжението преку тројниот стрелец Гаши (27, 34, 39) и Наџафи (32), додека Мицевски беше стрелец на вториот гол за Македонија во 29 минута.
Идниот четврток во Скопје противник на македонската репрезентација ќе биде Италија, по што двата реванш натпревари се закажани за март идната година.
Директен пласман во следната, елитна, фаза од мундијалските квалификации ќе обезбедат победниците на 12 групи и четирите најдобро второпласирани репрезентации. Преостанатите осум второпласирани репрезентации ќе играат бараж во април идната година за преостанатите четири места во елитната рунда.