Милан го доби големото дерби против Јувентус со 2:0 за, барем привремено, да се израмни со Аталанта и Наполи на врвот на табелата во Италија, и во исто време да ја турне „старата дама“ во нова мини-криза, зголемувајќи го притисокот на Масимилијано Алегри.
По победите над Болоња во Серија А и над Макаби Хаифа во Лигата на шампиони, во Јувентус постоеше оптимизам пред тешкото гостување кај актуелниот шампион на секогаш незгодниот „Сан Сиро“. Во израмнетото прво полувреме, Рафаел Леао ја погоди стативата, пред во финишот на полувремето, Фикајо Томори да се најде на вистинско место за да донесе водство за „росонерите“.
На иницијативата на гостите на почетокот на второто полувреме, Милан одговори преку Брахим Дијаз, кој постигна убав гол за потврда на трите поени.
Милан сегa имаат 20 поени на третото место на табелата, зад Наполи и Аталанта со ист број на поени, додека Јуве се само на осмото место со 13 поени.