Хери Кејн со својот осми гол во премиерлигашката сезона донесе важна 1:0 победа на Тотенхем на гостувањето кај Брајтон за заборавање на поразот во дербито на северен Лондон од Арсенал.
Мечот започна со минута молк за починатиот фитнес-тренер на Тотенхем, Џан Пјеро Вентроне, и дојдоа во водство во 22. минута кога Сон Хеунг-Мин убаво му асистираше на Кејн, кој ја продолжи голгетерската форма. Тотенхем постигна уште еден гол во средината на второто полувреме, преку Сон со прекрасен удар, но за жал, тој беше поништен поради претходен офсајд.
Тотенхем се искачуваат на третото место на табелата со 20 поени, еден зад Арсенал и три зад лидерот Манчестер сити. Брајтон се шести со солидни 14 поени.