Македонскиот фудбалски селектор Благоја Милевски по денешната ждрепка за составот на квалификациските групи од ЕП-2024 година, која ја смести Македонија во група со Италија, Англија, Украина и Малта вели дека сами да составувавме „група на смртта“ не можевме да избереме потешки ривали. И покрај аутсајдерската улога надежите за висок пласман кај Милевски не загснуваат предвреме.
-Фудбалски предизвик за сите нас. Ја добивме најтешката можна група. Веројатно и сами да биравме, посилни противници немаше да можевме да избереме. Ги добивме финалистите од последното Европско првенство и апсолутни фаворити за првите две места во групата. Се разбира дека ќе ја бараме нашата шанса и ќе се обидеме да останеме конкурентни до самиот крај, а објективните околности ќе покажат дали може да се надеваме на висок пласман. Групата е пеколно тешка, а такви ќе бидат и натпреварите. Наше е да веруваме во себе, вели Милевски.