На годинашната „Велешка Питијада 2022″ попладнево во Велес беше претставена, пресечена и поделена досега најголемата направена ппита пастрмајлија на оваа манифестација, во должина од четири метри. За 2,5 часа ја подготвија пекарите Александар Миладиновски, Орце Димовски и Лазе Гогинов, а ја испекоа за половина час во фурна на дрва. Во тегнењето на тестото помогнаа и мајсторот пекар Александар Јамалов со двајца негови колеги.
Претходно во 2017 година најголемата џиновска Велешка пита пастрмајлија подготвена од истите мајстори на Пекара „Ќоше” беше долга 3,5 метри .
За Џиновската Велешка пита како што информира за МИА еден од мајсторите Александар Миладиновски, биле употребени 20 килограми брашно, 30 килограми свинско месо, 210 јајца, 500 грама свинска маст и 400 грама сол, но не ставиле овча пастрма. Сето тоа бидејќи некои од посетителите не јадат овча пастрма, иако таа е карактеристична за велешката пита пастрмајлија, ни појасни Миладиновски.
Тој најави дека догодина планираат да направат уште подолга џиновска Велешка пита пастрмајлија од 4,20 метри.
Џиновската пита беше веднаш поделена на 350 парчиња на посетителите на манифестацијата. Парите кои беа оставени од посетителите за дегустирање на џиновската пита ќе бидат дадени за хумани цели, најавија организаторите.