По дваесетина години во Тетовско ќе се одржи специјална изложба за шарпланинци

Првпат по 20-тина години во градот под Шара, Тетово, ќе има државна изложба за расата на автохтони кучиња шарпланинци. Организиторите, новоформираното Кинолошкото друштво „Балтепе” од Тетово се одлучи оваа манифестација да ја одржи во селото Лешок со цел и амбиентот на изложбата да биде автентичен за оваа раса на кучиња.

-Одлучивме оваа државна изложба да ја организираме во Лешок како соодветен амбиент, особено за шарпланинците да бидат блиску до Шар Планина. Ринговите ќе бидат поставени на отвореното спортското игралиште во Лешок што е во непосредна близина на планината, информира организаторот Мирослав Серафимовски од Кинолошкото друштво „Балтепе” од Тетово.

Изложбата ќе се одржи во недела, 16 октомври, со почеток од 10 часот.

-Манифестацијата условено речено е поделена на два дела, првата специјална изложба за шарпланинец и Национална изложба за сите други раси на кучиња. Пријавувањето се уште е во тек, ќе биде отворено до четврток, а очекуваме околу 150 кучиња за двете изложби, изјави Серафимовски.

Ова е државна изложба на која победниците ќе имаат национално оценување ЦАЦ (CAC-Certificat d’Aptitude au Championnat).

-За сите сите раси ќе се одлучува победник, според надворешен изглед, поделени по групи и по возраст (од шест до девет месеци, од девет до 12 месеци итн.) Оценувањето ќе го вршат вкупно четворица судии, двајца од Македонија и двајца од Србија. Државните прваци ќе добијат и пригодни награди-пехари, храна за кучиња, потенцира Серафимовски.

Организаторите предвидуваат и забава за посетителите на настанот со настап на музичари во живо.

Треба да знаете
Последни објави