Во Барселона стравуваат дека може да го завршат настапот во фудбалската Лига на шампионите по групната фаза. Барселона утре го пречекува Интер во четвртото коло од Лигата на шампионите и мора да победи за бодовно да се израмни со Италијанците. Баерн гостува кај чешката Викторија и може да се претпостави дека ќе ја оствари четвртата победа со која ќе обезбеди осминафинале на натпреварувањето.
Во петтото коло Барселона го пречекува Баерн, а Интер Викторија. Барселона во тоа коло не смее да загуби на Ноу Камп, а шпански Спорт пишува дека има информации за теории на заговор директно од соблекувалната на Барселона.
Наводно, Баерн сака да и се одмазди на Барселона поради Роберт Левандовски. Тоа значи дека Баерн доколку обезбеди премин пред последното коло и мечот со Интер, намерно ќе игра против Интер во мешан состав и ќе му даде можност за победа во Минхен, на која Италијанците би оделе понатаму.