Тренерот на Барселона, Чави Ернандез вели дека мечот со Интер од Лигата на шампиони за нив е „финале“, откако каталонскиот клуб мора да победи за да остане во игра за пласман во нокаут фазата.
По минатонеделниот контроверзен 1:0 пораз во Милано од „нераѕурите“, кога Барселона сметаше дека е оштетена поради тоа што не им беше досуден пенал, двата тима повторно ќе се судрат утре на „Ноу Камп“ и со пораз Барселона ќе биде елиминирана (доколку Викторија Плзењ не го совлада Баерн Минхен). Чави знае дека ова е голем меч.
„Очекуваме Интер да играат многу слично како во првиот меч во Милано. Имаат низок блок, но имаме алтернативи за тоа. Подготвени сме и мораме да изгледаме како Барса што ја видовте во последните 20 минути на тој меч. Ова е финале за нас. Се наоѓаме во незгодна позиција, но ќе го дадеме максимумот“, вели Чави.
Интер се втори на табелата со шест поени, три повеќе од Барселона, додека Баерн се убедливо први со 9 поени по првите три меча. Покрај ова „финале“, Барселона во недела го игра првото „Ел Класико“ против Реал Мадрид.