„Светот на Биби” потпиша петгодишен договор со српската издавачка куќа „Лагуна”. Со овој договор, како што информираат продуцентите од „Светот на Биби”, „Лагуна” го има ексклузивното право на териториите каде што се зборува српски, во целиот свет, да ги издава, продава и дистрибуира книгите, сликовниците, друштвените игри и сите други производи од „Светот на Биби”.
– Овој договор претставува уште еден доказ и признание за квалитетот на содржините и производите од „Светот на Биби”. Среќни сме што ќе соработуваме со најголемиот издавач и дистрибутер во Србија. Производите од „Светот на Биби” ќе бидат достапни на 400 продажни места низ Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора. Според прегледите, реакциите и коментарите што ги добиваме од родителите во Србија за содржините објавени на српскиот Јутјуб-канал, несомнено е дека за брзо време Биби и Боби ќе ги освојат срцата на децата во Србија – изјавија продуцентите, се вели во соопштението.
Издавачката куќа „Лагуна” е основана во април 1998 година. Денес „Лагуна” е најголемиот српски издавач и лидер во регионот. Работи со повеќе од 400 партнери во земјата и во регионот. „Лагуна” има 46 книжарници во 25 града во Србија, како и 13 филијали во Босна и Херцеговина и Црна Гора. Клубот на читатели има над 700.000 члена. Веб-страницата на „Лагуна” е најпосетуваната страница за издавање во регионот со повеќе од 800.000 уникатни посети на месечно ниво.