Чави: Јас сносам целосна одговорност за грешките на играчите

Тренерот на Барселона, Чави,  ја презеде вината за ремито со Интер (3:3) во Лигата на шампионите.

– Игравме со добар став, но ако не успее одбраната, тогаш не успевам и јас. Ако грешат Пике, Бускетс, Педри или Дембеле, тогаш грешам и јас како тренер. За грешките на играчите сносам целосна одговорност. Во вториот дел не одигравме како што треба, изјави Чави.

Според Чави, ако неговите играчи не можат да го победат Интер, тогаш не заслужуваат да бидат во осмина-финалето.

„Има две гледишта за овој натпревар. Првото полувреме беше одлично, добро напаѓавме и го натеравме Интер да страда. Гави и Педри го контролираа средниот ред. Сепак, во вториот дел направивме премногу грешки. Си дозволивме да паднеме по првиот примен гол. За вториот гол на Интер имаше сериозна грешка,што не смее да се дозволи на ваков натпревар. Во Лигата на шампионите секоја грешка се плаќа скапо. Се обидовме да се вратиме во игра и покажавме карактер , но ако не можеме да го победиме Интер дома, не заслужуваме да одиме понатаму“, смета Чави.

Сега за Интер ќе биде доволно да го добие следниот натпревар со Плзен за да оствари пласман понатаму од „групата на смртта“. Баерн Минхен е веќе во осмина-финалето.

„Знаеме дека повеќе не ја држиме судбината во наши раце. Очигледно не заслужуваме да се пласираме во следната фаза. Немаме големи надежи. Плативме голема цена за тие грешки. Јас сум тренер и ја преземам одговорноста. Требаше да бидеме поконцентрирани, но во вториот дел излеговме со погрешен став. Ова е голем удар за нас, би рекол дури и суров. Сега треба да се концентрираме во Ла Лига, каде сакаме да останеме на врвот. Сезоната е долга, но не го дадовме максимумот во ЛШ поради сопствени грешки. Тоа е сурово за нас, но мораме да гледаме напред“, смета Чави.

Треба да знаете
Последни објави