Српскиот претставник во групната фаза од третото клупско натпреварување на УЕФА, Конференциската лига вторпат го совлада гермнаскиот Келн, овојпат во Белград со 2:0 и само потврди дека првиот триумф на гостински терен не бил случаен. Со овие три бода Партизан е на еден чекор од обезбедување на европска пролет во групата Д. Стрелци на головите во денешниот триумф беа Диабате во 15 и Гомес во 52 минута.
По првиот гол следуваше дивеење на навивачите на Партизан, беше употребена голема пиротехника што го предизвика првиот прекин, а недолго потоа и вториот прекин поради чадните бомби. Тогаш судијата Рајхшрајбер од Израел реши да ги испрати играчите на двата тима кон соблекувалните. Не помина долго време додека чадот се расчисти и сите фудбалери се вратија на теренот, но судијата упати последна опомена до „црно-белите“ дека следното слично прекинување автоматски ќе значело и крај на натпреварот, кој би бил регистриран со службен резултат 3:0 за Келн.
Партизан е прв во групата со осум бодови, пред Ница со пет, Келн со четири и Словачко со еден бод.
Резултати од другите одиграни средби од 4. коло по групи:
Аполон – АЗ Алкмаар 1:0
Австрија Виена – Виљареал 0:1
Башакшехир – РФС 3:0
Клуж – Славија Прага 2:0
Дјургарден – Гент 4:2
Фиорентина – Харт оф Мидлотиан 5:1
Партизан – Келн 2:0
Слован Братислава – Базел 3:3