Една од најпознатите слики на Ван Гог, „Сончогледи“, е исчистена и повторно е изложена, откако климатски активисти фрлија врз неа лименки со супа од домати.
Националната галерија на Лондон потврди дека ремек-делото насликано во 1888 година сега е повторно на своето место, околу шест часа по инцидентот што се случи во петокот.
На снимките се гледа како две лица во маички со натпис Just Stop Oil отвораат лименки и ја фрлаат содржината на ремек-делото пред да ги залепат рацете за ѕидот.
Двете лица се уапсени.
Галеријата претходно соопшти дека сликата била покриена со стакло и затоа не е оштетена.
Во соопштението од местото на настанот на „Трафалгар сквер“ се наведува: „Околу 11 часот утринава две лица влегоа во просторијата 43 од Националната галерија“.
„Двојката изгледаше како да се залепила на ѕидот во непосредна близина на ‘Сончогледите’ на Ван Гог (1888). Тие исто така фрлија црвена супстанца – што изгледа како супа од домати – врз сликата. Просторијата беше испразнета од посетители и повикана е полиција.“
„Има мали оштетувања на рамката, но сликата не е оштетена.“
А во соопштението на лондонската полиција стои: „Полицајците брзо стигнаа на местото на настанот во Националната галерија утринава, откако двајца демонстранти на Just Stop Oil фрлија супстанца врз слика, а потоа се залепија за ѕид.“
Националната галерија чува над 2.300 уметнички дела.