Натамошниот развој на проектот на Свети Јован Владимир, поточно неговото патување, пред повеќе од 1.000 години, Бар – Елбасан – Ресен да се претвори во годишна туристичка атракција, била главна тема на разговор на средбата на градоначалникот на албанскиот град Елбасан, Гледијан Латја и неговиот домаќин, градоначалникот на црногорскиот град Бар, Душан Раичевиќ.
Во рамки на посета на Бар, Будва и Улциљ, Латја бил придружуван од претседателот на здружението на црногорската заедница во Република Албанија, Маринко Цулафиц.
– Соработката меѓу двете општини започна пред три години кога беше потпишан Меморандум за соработка заедно со општина Ресен во Македонија. Разговорот се одвиваше во пријателска атмосфера и се разговараше за натамошниот развој на проектот на Свети Јован Владимир, неговото патување пред повеќе од 1.000 години (Бар – Елбасан – Ресен) да се претвори во годишна туристичка атракција. Двајцата градоначалници ветија зајакнување на билатералната соработка во иднина, пренесува македонскиот весникот „Илинден”.
Албанската православна автокефална црква „Св.Јован Владимир” го празнува на 4 јуни и секоја година православни верници од Албанија, Македонија, Црна Гора и целиот регион се собираат во Елбасан на прослава во манастирот каде го чествуваат името на светецот, чиј патрон е тој.
Во април минатата година се одржа церемонија и положување на моштите на светецот во овој манастир, кои до тогаш се чуваа во Националниот историски музејски фонд во Тирана и по долгогодишно барање на Албанската православна автокефална црква беа предадени на манастирот.
На церемонијата беше присутен премиерот Еди Рама и министерката за култура, Елва Маргарити и Неговото преосвештенство Андони, митрополит на Елбасан, Шпат и Либражд.
Светиот великомаченик Јован Владимир, кој бил зет на македонскиот цар Самуил за неговата ќерка Теодора Косара се здобил со силен култ во Западна Македонија. На иконите и фреските во нашите цркви е насликан како ја држи сопствената глава во рацете. Во традицијата на југозападниот регион на Македонија во минатото бил развиен култот кон Светиот великомаченик Јован Владимир. Тој бил владетел (кнез) на Дукља и во еден период како поддржувач на Византија влегол во судир со царот Самуил при што бил заробен. Додека бил во затвор во него се вљубила Самуиловата ќерка Теодора Косара по што тој бил оженет со неа и вратен понатаму да владее со Дукља, како вазал на Самуил.
Св. Јован Владимир бил убиен на 22 мај 1016 година во Преспа и погребан бил во манастирот пред кој загинал. Брзо се расчуло дека молитвите пред неговиот гроб можат да исцелуваат многу болести и тој култ бил толку распространет што набргу потоа бил признаен за светец и маченик и прогласен за светец од Православната црква. Постојат многу легенди и култни приказни поврзани со неговото име. Неговите мошти денес се чуваат во манастирот на „Св. Јован Владимир” во Елбасан, на Света Гора и во црквата „Св. Никола Болнички” во Охрид.