Популарниот ТВ водител Џејмс Корден се најде во центарот на вниманието откако беше прогласен за непожелен во популарниот ресторан „Балтазар“ во Њујорк.
Оваа вест се најде на насловните страници на повеќето американски медиуми, кои пренесоа дека причина за ова е неговото лошо однесување, а некои дури и објавија фотографии со натпис „забрана“.
Сопственикот на ресторанот, Кит Мекнали, го опиша Британецот – кој во последниве години работи во САД – како најневоспитан гостин во 25-годишната историја на ресторанот, додавајќи дека тој постојано го малтретирал персоналот.
Џејмс Корден е актер, комичар, пејач и телевизиски водител. Во Обединетото Кралство, тој е најпознат по улогата во познатиот ситком на Би-би-си, „Гевин и Стејси“. На многумина им е познат и како водител на ток-шоуто „Д’ лејт, лејт шоу со Џејмс Корден“, кое неодамна најави дека ќе престане да го снима.
Корден е во брак со ТВ продуцентката Џулија Кери од 2012 година.
Двојката има три деца – синот Макс и ќерките Кери и Шарлот. Џејмс живее со семејството во Малибу во палата вредна 19 милиони фунти, пишува весникот „Сан“.
Според последните податоци на Celebrity Net Worth, богатството на Џејмс се проценува на 70 милиони долари.