Фудбалерите на Манчестер Сити го совладаа Брајтон со 3:1 во натпреварот од 13. коло на англиската Премиер лига.
Ерлинг Халанд денеска повторно блескаше постигнувајќи ги 16-от и 17-от гол во Премиер лигата.
Сити ја имаше иницијативата од самиот почеток. Најмногу се играше на половината на Брајтон, а првото возбудување го чекавме до 20. минута кога Ерлинг Халанд беше соборен во шеснаесетникот на гостите, но судијата Повсон по консултација со ВАР реши да не покаже на белата точка.
Оваа одлука како да го налути одличниот напаѓач на „Граѓаните“, кој набрзо потоа постигна гол и му носи водство на својот тим по само две минути. Топката феноменално ја исфрли голманот Едерсон, стигна до Халанд, голманот на Брајтон Санчез погрешно ја процени ситуацијата и излета со што му олесни работата на Норвежанецот.
Ако немаше пенал во 20. минута, имаше во 43. минута. Капитенот на гостите Данк го собори Бернардо Силва во шеснаесетникот, а судијата Повсон немаше дилема. Халанд ја презеде одговорноста и го постигна својот 17-ти гол во Премиер лигата во сезоната.
Брајтон преку Тросард успеа да намали и да ја врати неизвесноста, сепак пред крајот сите дилеми околу победникот ги реши Кевин Де Брујн кој ги постави конечните 3:1.
Во вториот натпревар во истиот термин Евертон го совлада Кристал Палас со 3:0.