МЗТ ја слави првата АБА-лигашка победа по 4 години

МЗТ Скопје ја забележа првата победа во АБА лигата по пауза од четири години откако на домашен терен славеше против Студентски Центар од Подгорица со 92-79.

По изедначеното отварање на натпреварот иницијативата прв ја превзема гостинскиот состав кој со серија од 7-0 стигна до предност од 11-18, но тајм-аутот на Петровиќ го промени текот на мечот. Аеродромци заиграа далеку поагресивно во одбраната, успеаја да го исконтролираат скокот и да стигнат до лесни поени па експресно се вратија во мечот. Со тројката на Војдан Стојановски, МЗТ Скопје стигна и до предност, а истата ја задржа и по 10. минути игра (23-22). Студентски Центар не дозволи МЗТ Скопје да влезе во ритам. Во втората четвртина повторно го сопре течниот напад на домаќините, најде решение во рекетот преку високите играчи па ја врати и предноста во своја полза (32-37), но аеродромци навремено одговорија преку шутот за три поени. Тројките на Дамјан Стојановски и Кафи наговестија целосен камбек, нив им се приклучи Јигитоглу па МЗТ Скопје во еден момент поведе со 44-41, но нереализираните зицери во завршницата ја вратија предноста за црногорскиот состав. Истата да не остане и на полувремето се погрижи Кафи кој во звукот на сирената донесе минимална позитива од 47-46.

МЗТ Скопје беше шутерски расположен на отварањето на вториот дел од мечот. Погодуваа Стојановски и Магдевски, Кафи, Јигитоглу и Миќовиќ го пробија рекетот, а „сино-белите“ продолжија да го контролираат и скокот па поведоа двоцифрено (60-48). Три минутниот пост „студентите“ го прекинаа со добра игра во рекетот каде беше искористен Максвел за на момент враќање на едноцифрениот заостаток, а и покрај тоа што како што одминуваа минутите така падна и високата реализација на МЗТ Скопје, мираната рака на „штрковите“ од линијта за слободни фрлања не дозволи враќање на резултатската неизвеноста, напротив донесе предност од 67-57 по 30. минути игра. Добриот проток на топката носеше отворени обиди за „сино-белите“ и на стартот на последната четвртина за предност од 72-57, а на крилја на домашната публика избраниците на Петровиќ одиграа мирно до крајот и не му дозволија на црногорскиот состав да се надева на победа.

Мајкл Кафи со 22 поени и 7 асистенции беше лидер на МЗТ СКопје на денешниот натпревар, додека него го следеа Дамјан Стојановски со 14 поени, Јигитоглу и Миќовиќ со по 13 на кои додадоа и по 7 скока, а како двоцифрен мечот го заврши и Војдан Стојановски со 12 поени. Џексон и Тасиќ реализираа по 17 поени за Студентски Центар.

По денешната победа која беше од огромно значење за МЗТ Скопје, аеродромскиот состав го очекува уште едно голем меч, вечното дерби против Работнички кое е закажано за во среда.

Треба да знаете
Последни објави