Американски тинејџер од Лас Вегас почина од акутна инфекција предизвикана од „амеба што јаде мозок“, потврдија здравствените власти во државата Невада во соопштението.
Тинејџерот, чиј идентитет не е познат, најверојатно се заразил кога престојувал со родителите во познатиот рекреативен центар Лејк Мид во државата Невада последниот викенд од септември. Момчето најверојатно се заразило додека пливало во загадена вода, па амебата продрела низ носната слузница до неговиот мозок. Момчето ги развило првите симптоми, како што се главоболка, треска, гадење и повраќање една недела по интеракција со фаталната амеба. Инфекцијата брзо се проширила во мозокот и момчето починало за кратко време како последица на примарен амебен менингоенцефалитис (ПАМ).
Неговата смрт уште повеќе ги згрози Американците бидејќи ова е втор смртен случај во последните два месеци: да потсетиме дека пред два месеци „амеба што јаде мозок“ му го одзеде животот на момчето од Небраска кое пливало со родителите во реката Елхорн. Сепак, експертите предупредуваат дека нема потреба од паника.
– Тоа е многу, многу ретка болест. Поради ова нема потреба да се алармира. Луѓето мора да бидат паметни кога се на места каде што всушност живее оваа ретка амеба. Организмот се наоѓа во свежи води со температури од 11 до 46 Целзиусови степени – изјави за Гардијан д-р Брајан Лабус, епидемиолог од Универзитетот во Невада.
Првиот случај на инфекција со „амеба што јаде мозок“ е забележан во Австралија на почетокот на 1960-тите: оттогаш, во светот се регистрирани неколку стотици заразени, од кои само десет луѓе преживеале. Американскиот ЦДЦ (Центри за контрола и превенција на болести) забележал 154 случаи на инфекција во САД од 1962 година, од кои 152 завршиле фатално. Експертите предупредуваат дека човек може да се зарази со амеба со вдишување загадена вода додека плива или со испирање на носните патишта со неварена или нефилтрирана вода од чешма. Луѓето не можат да се заразат со голтање на амеба, ниту пак инфекцијата се пренесува преку контакт од човек на човек.
Најчести жртви се децата и младите кои во топлите летни месеци се капат во свежа вода. Бидејќи само неколку пациенти преживеале досега, не е јасно кој третман е најдобар.
Експерименталните докази сугерираат дека азитромицин може да биде корисен.