Македонската фудбалска репрезентација, составена со најголем дел од фудбалери од првата лига со пораз се враќа од пријателскиот натпревар во Абу Даби (1:0).
Кристијан Наумовски, Кристијан Тошевски, Владица Брдароски, Егзон Бејтулаи, Дарко Велковски, Али Адем, Бојан Димовски, Ферхан Хасани, Љупче Дориев, Методија Максимов, Бесарт Ибраими, беа стартните 11 за кои се одлучи селекторот Милевски.
Првото полувреме помина без голови, немаше ниту премногу шанси. Македонија својата шанса ја чекаше во главно од противнапади. Подобри на теренот бевме во завршницата од првиот дел, но сепак таа иницијатива не ја крунисавме со гол.
Првата закана Саудиска Арабија ја испрати преку Абдулрахман во 12. минута, неговиот удар заврши над голот. Наумовски интервенираше после заканата на АлАбед пет минути подоцна. Ние се заканивме во 22. минута, меѓутоа додавањето кон Бесарт Ибраими кој беше во добра позиција беше непрецизно.
Веднаш на стартот на вториот дел Влатко Стојановски влезе во игра на местото Ибраими. Максимов после само пет минути гра се закани, но неговиот удар беше блокиран. Домаќините во 53. минута испратија удар од 20-тина метри, меѓутоа Наумовски добро интервенираше. После еден час игра, селекторот на Саудиска Арабија го промени целиот тим, влегоа нови 11 фудбалери.
Кај нас во продолжение шанса добија Зија Мерџани, Бојан Илиевски, Кристијан Трапановски, Бунјамин Шабани, Иван Николов, Марио Младеновски и Игор Алексовски. Одлучувачкиот момент се случи во 85. минута кога Салед Калид Алшехери ја погоди мрежата на Алексовски.
Во самата завршница видовме и една срамна одлука на судиите кои во иста акција не досудија два чисти пенали. Прво Стојановски беше непрописно блокиран и влечен од домашен фудбалер, а потоа еден од домашните фудбалери очигледно играше со рака на гол линијата . Треба да се напомене дека судиите на овој натпревар беа од ОАЕ.