Фудбалерите на Атлетико Мадрид, предводени од Антоан Гризман, славеа победа (2:1) на гостувањето кај Бетис во Севилја. Францускиот репрезентативец ги постигна двата гола за „јорганџиите“ кои сезонава на шесте гостувања од можните 18 освоија 16 поени.
Здодевен и не толку квалитетен натпревар одиграа Бетис и Атлетико. Двата тренери, со оглед на повредите со кои се соочуваат излегоа со нестандардни состави.
Во првиот дел немаше ниту чиста шанса за гол. Бетис еднаш се закани кон голот на Јан Облак.
Вториот дел донесе повеќе возбудувања. Во 48.минута ВАР го поништи голот на Енрике, бидејќи на почетокот на акцијата Иглесиас беше во офсајд.
Пет минути подоцна студен туш за навивачите и играчите на Бетис. Гризман директно од корнер го совлада Руи Силва.
Во тие моменти Атлетико започна да ја контролира играта, а дополнителен шок за Бетис дојде во 71.минута кога акцијата ГрзманКореа-Куња со својот втор гол ја заврши францускиот напаѓач.
Со овие два гола Гризман дојде до бројката од 147 и стана третиот најдобар стрелец на Атлетико во Примера.
До крајот на мечот Бетис намали во 84.минута со голот на Фекир од слободен удар. Во 91.минута, Алекс Морено ја погоди гредата, а две минути подоцна Руи Силва, во ситуација „еден на еден“ му одбрани на сонародникот Жоао Феликс.
Оваа победа на Атлетико е трета во низа во дуелите со Бетис, бидејќи тимот на Симеоне победи во двата натпревари минатата сезона.