Фудбалерот на Манчестер Јунајтед, португалскиот репрезентативец Кристијано Роналдо веќе во јануари следната година би можел да ја продолжи кариерата во Челзи, пренесуваат британските медиуми.
Роналдо пред неколку дена беше исфрлен од тимот, бидејќи одби да влезе во игра на натпреварот против Тотенхем во 12. коло од Премиер лигата. Поради ова, португалскиот фудбалер го пропушти дуелот со Челзи во англиското првенство, а моментално тренира со друг тим.
Сезонава одигра 12 натпревари за англискиот клуб во сите натпреварувања, а постигна само два гола, пренесува Танјуг.
Сопственикот на Челзи, Тод Боли, кој наводно се обидел да го ангажира Роналдо во текот на летото, сака да го доведе португалскиот фудбалер веќе во јануари. Роналдо има договор со клубот од „Олд Трафорд“ до крајот на сезоната, а англиските медиуми тврдат дека челниците на „црвените ѓаволи“ се подготвени да го продадат во зимскиот преоден рок.
„Раководството на Јунајтед сака што побрзо да се ослободи од Роналдо, но проблемот е раскинувањето на договорот. Доколку англискиот клуб го раскине договорот, на португалскиот фудбалер ќе треба да му плати десет милиони фунти. Јунајтед сака да го продаде португалскиот фудбалер пред јуни следната година, бидејќи планира да добие отштета за искусниот фудбалер. Челзи е подготвен да го откупи договорот на Роналдо од Јунајтед до крајот на сезоната“, тврди британски „Сан“.
Британските медиуми потсетуваат дека Роналдо во текот на летото беше на прагот да се пресели во Челзи, но тогашниот менаџер на лондонскиот клуб Томаш Тухел го убедил Боли да се откаже од овој трансфер.
„Роналдо не е желба на менаџерот на Челзи, Греам Потер, туку исклучиво на сопственикот Тод Боли“, наведува „Дејли мејл“.
Роналдо (37) се врати во Манчестер Јунајтед во 2021 година, а претходно играше за Јувентус, Реал и Спортинг. Тој беше член на Манчестер Јунајтед од 2003 до 2009 година.