Женската ракометна репрезентација на Македонија ги почна подготовките во пресрет на Европското првенство, кое ќе се игра и во нашата земја. Шампионатот стартува на 4 ноември, а селекторот Љубомир Савески се надева дека женската селекција ќе биде конкурентна со оглед дека ќе игра на едно големо натпреварување, првпат по 10 години.
Во групата со Франција, Холандија и со Романија, македонските ракометарки треба да се обидат достојно да се претстават.
„Се подготвуваме, ги анализирав ривалите, знаеме дека сме во група со три светски репрезентации кои имаат освојувано светски, европски и олимписки медали. Се надевам дека улогата на аутсајдер ќе ни помогне да се израдуваме барем на еден натпревар. Нашата цел е да покажеме дека сме на вистинскиот пат и дека имаме карактер за натпреварување со најдобрите“, изјави селекторот Савевски на денешниот прв собир.
Тој има на располагање 19 ракометарки, а неколку познати имиња се повредени, пред се Елена Ѓорѓиевска, но и Марија Штериова, Теодора Дукоска и Бојана Коцева.
Ракометарките во наредните две седмици ќе тренираат во СЦ „Борис Трајковски“, до почетокот на Европското првенство.